ПРЕТСТАВУВАЊЕ
 061980a4c9bf4fd1bb15540a41846d57

Здружението на правниците на Република Македонија (во натамошниот текст: Здружение) е основано на основачкото собрание, одржано на 6 март 1968 година, како Здружение на друштвата на правниците од стопанството на Македонија и е запишано во Регистарот на републичките здруженија на граѓани под број УПI бр.12-275/1-68.

На Собранието на Здружението, одржано 25 октомври 1991 година, Здружението, со измени во Статутот, продолжи да работи како Здружение на правниците од стопанството на Македонија. На Собранието одржано 20 октомври 2006 година, Здружението, на барање на членовите, го промени името и продолжи да работи како Здружение на правници на Република Македонија.

Здружението е организација на граѓани во која доброволно се здружуваат правниците од Република Макдеонија со цел да ги остваруваат, задоволуваат и заштитуваат своите стручни и други интереси и организирано да дејствуваат и помагаат во остварувањето на Република Македонија како правна држава во која владее правото и во која се почитуваат и остваруваат меѓународните стандарди во различните сфери на живеењето и работењето.

Согласно Статутот Здружението ја има следната внатрешна организација:

  • Претседател,
  • Собрание (го сочинуваат сите членови)
  • Управен одбор
  • Надзорен одбор
  • Извршен директор

Сите членови на овие органи и тела, освен Извршниот директор, функцијата ја остваруваат волонтерски.

Цели на Здружението

Правниците се здружуваат во Здружението со цел преку неговите активности и делувања

  • да се обезбедува размена на информации меѓу правниците во државава за начинот на имплементацијата на законите, практиката и професионалната одговорност во практикувањето на правото;
  • да се промовираат информации и да се разменуваат информации меѓу членовите за начинот на остварувањето на нивните професионални ангажмани, за одредени потешкотии и за добивање поддршка во остварувањето на човековите права;
  • да добиваат информации за правници од други земји- членки на партнерски асоцијации на Здружението;
  • да бидат вклучувани во работата на органите, секциите и другите форми на работа на Здружението;
  • во рамките на Здружението, преку едукација да ги усовршуваат своите стручни знаења од областа на правото;
  • да ја изградуваат и надградуваат правната свест и логика, а со тоа да се прилагодат на потребите на времето;
  • да добиваат информации за правото на Европската Унија, Советот на Европа, Светската трговска организација (СТО) и други меѓународни организации со чие делување се создава и гради меѓународниот поредок и правилата на однесување во сферата на бизнисот, човековите права и граѓанскиот сектор;
  • да се промовираат принципите и целите на Обединетите нации  посебно оние од областа на правото;
  • да влијаат и да промовираат владеење на правото, развој на демократијата и демократските принципи и почитување на човекови права;
  • преку заедничко проучување на судската пракса и други практични проблеми да се усвојат и промовираат усогласени ставови и правни стандарди во одредени подрачја на правото;
  • организирано да делуваат во изградбата и доградбата на правниот и политичкиот систем;
  • со своето зголемено знаење и усовршување да дадат придонес во почитувањето и правилното толкување и примената на правната регулатива, со што ќе се придонесува кон владеењето на правото и правната држава;

Здружението ја поттикнува, ја координира и ја насочува активноста на правниците во функција на зголемување и збогатување на нивните стручни знаења, на усовршувањето во работата, а негова цел е и да овозможи преку здружено делување и остварување на заедничкиот интерес да делуваат во изградбата, доградбата или менувањето на правниот и политичкиот систем на земјата и кон прилагодување на промените што ги носи времето, а сето тоа како резултат на членство на нашата држава во Европската Унија, во Светската трговска организација и НАТО.

Здружението е форум на којшто се покренуваат актуелни проблеми од областа на правото, по кои се води расправа и се заземаат ставови што се од значење за владеење на правото и за успешно врешење на правната професија.
Здужението е и форум за отворени дијалози што се фокусираат се фокусираат на прашања коишто се од заеднички интерес за членовите на Здружението и на граѓанското општество.

Сите форми преку кои се одвива работата на Здружението целосно се насочени кон остварувањето на човековите права како темелна основа и вредност на македонското општство. Токму затоа Здружението организира посебни едукативни програми преку кои се оспособуваат членовите и другите граѓани за стандардите на човековите права и слободи, за начините и можностите за нивно остварување како и за можностите за заштита пред надлежните органи во земјава и пред меѓународните судови и институции.

Дејности на Здружението

Во остварувањето на своите цели, Здружението ги врши следните дејности:

  • да ги претставува и застапува заедничките интереси на членовите пред надлежните органи и организации во земјава и во странство;
  • се грижи за стручно усовршување на правниците во областа на националното и меѓународното право;
  • да работи на подигање на правната свест, односно етиката;
  • им овозможува пристап и им испраќа информации кои се содржани во базата на информации на Здружението за правото на Европската унија, Светската орговска организација, Советот на Европа и за прописи на други земји;
  • преку интернет истражува и прибира информации од областа на правото;
  • преведува закони, подзаконски акти и други материјали на јазици кои се од интерес на членовите на Здружението;
  • информира за регулативата во Република Македонија;
  • соработува со асоцијации, здруженија и институции на други земји;
  • организира конференции, стручни советувања, семинари, работилници, предавања и други облици и форми на заедничка работа заради развивање и усовршување на правната теорија и практика;
  • презема различни активности за промоција и заштита на независноста на судството и на правната професија;
  • подготвува интегрирани текстови на закони на Република Македонија што се корисни за вршењето на правната професија
  • врши и други работи кои го помагаат остварувањето на личните и заедничките интереси на правниците заради остварување на целите на здружувањето, а кои не се во спротивност со Уставот и законите


Етички кодекс

Здружението има Етички кодекс што е составен дел на Статутот на Здружението. Членовите на Здружението се должи да се придржуваат на начелата и принципите утврдени во Етичкиот кодекс.

Почитувањето и прекршувањето на Етичкиот кодекс го следи комисијата за Етички кодекс која ја формира Управниот одбор на Здружението.

Форми на работа и делување

Своите цели и дејности , Здружението на правниците на РМ ги извршува преку повеќе форми на делување. Пред се тоа се организирање на разни едукативни програми за правници, (семинари, работилници, стручни расправи, тркалезни маси и советувања). Како највпечатлив сегмент од работата на Здружението е традиционална Средба на правници што се организира двапати годишно повеќе од 40 години.
Покрај горе наведените форми на делување, Здружението има и посебни форми на работа и делување што се утврдени со Статутот на Здружението, а тоа се :

  • СТО Информативен и тренинг центар
  • Националниот Информативен Центар за Трговско Право (NICCL),
  • Сервисот за медијација и
  • Клуб на правници.


Секции

Своите едукативни програми за практична примена на правото Здружението ги реализира преку 12 секции во речиси сите области на правото, кои посојат како посебни форми на делување на Здружението.

Изданија

Во рамките на своите  редовни активности Здружението ги издава следните публикации:

  • Стручното списание ПРАВНИК, месечен магазин кој излегува континуирано од мај 1992 година до денес
  • Изданието ДЕЛОВНО ПРАВО, излегува двапати годишно од 2000 година

Покрај редовните изданија, Здружението повремено публикува и други изданија како брошури, водичи, прирачници и други публикации значајни за членовите на Здружението и пошироката јавност.

Членство во меѓународни организации и асоцијации

Здружението на правници на Република Македонија е членка на:

  • IBA – Меѓународна Правна Асоцијација;
  • ECLA (Европска Асоцијација на правниците во компаниите или внатрешни советници)
  • ILAC ( Меѓународен Конзорциум за правна помош)
 
 
 
Twitter
Visit Us
Follow Me
INSTAGRAM