89-та Средба на Правници – Заклучоци

ДЕЛ ОД ЗАКЛУЧОЦИТЕ ОД 89та СРЕДБА НА ПРАВНИЦИ
(15-17 мај 2025 г., хотел Гранит, Охрид)

  • Tреба да се убеди јавноста, која не ретко истакнува дека казнената политика во РСМ е блага, дека не строгоста на казната, туку итноста на изречената казна и извесната казна ги одвраќаат лицата од сторување казнени дела. Со вонинституционалните санкции воопшто не се доведува во прашање системот на казнена правда бидејќи токму овие казни имаат поголем ефект во насока на намалување на стапките на рецидивизам. Општата јавноста не треба да биде коректив на казнената политика;
  • Правото на конкуренција да стане подостапно и поразбирливо за сите претпријатија, кои, потенцијално, може да станат субјекти на негова примена, особено пореку едукативни активности на Комисијата за заштита на конкуренцијата;
  • Добро би било да се изврши хоризонтална кодификација на правилата што ги уредуваат дејностите и субјектите што ги вршат дејностите од јавен интерес. Неопходно е да се најде најсоодветниот начин да се транспонираат Насоките на ОЕЦД за корпоративно управување со јавни (државни) претпријатија од 2015 година. Поаѓајќи од искуствата на земјите во регионот, треба да се усвојат стратегија за државна сопственост и за управување со државен имот, од која ќе произлезе акционен план за спроведување на стратегијата и врз основа на нив би се подготвувале годишни извештаи опфатени со акциониот план. Во владините стратешки документи се предвидува донесување на Закон за трговски друштва во државна сопственост (рок декември 2025 година);
  • Во услови на миграција на работоспособна работна сила, намалување на вработеноста, стареење на населението и слично, неопходно е да се размислува за реформи на законската рамка поврзана со тристолбниот пензиски систем. За реализација на овие реформи потребно е постепено зголемување на придонесите за вториот столб, промени во ограничувањата на инвестирањето, стимулирање на третиот столб, особено преку воведување можност за вклучување на синдикатите (светска практика), континуирана обука и финансиска едукација на сите засегнати страни, дигитализација и оптимизација на админситративни трошоци и друго;
  • Даночно избегнување е препознаено во рамките на ЕУ како дел од Дирекивата АТАД, познато како GAAR правило или oпшто правило против злоупотреба. Директивата е транспонирана во македонското даночно во 2023 година и го познава овој институт преку членот 42-а од Законот за данок на добивка и членот 12 од Законот за даночна постапка – ако со привидна правна работа се прикрива некоја друга правна работа, основата ја чини прикриената работа. За успешна примена на ова правило во практиката потребна е обука на судиите, кои мора да преминат од формалистичка кон субстанцијална интерпретација на респективните одредби. Покрај судиите, се вршат континуирани обуки и на даночните инспектори;
  • Compliance функцијата (функцијата на усогласеност) претставува алатка за внатрешно управување со компаниите. Оваа алатка помага при идентификација, рано предупредување и превенирање на разни појавни облаци на корупција:  поткуп, судир на интереси, внатрешни корпоративни измами, и друго. Со ова се олеснува евалуацијата, управувањето и справувањето со разни ризик фактори, со што се овозможува долгорочен одржлив развој на разни корпоративни структури;
  • Треба допрецизирање на одредени одредби од прописите што ги уредуваат работните односи, особено на оние поврзани со престанокот на работниот однос со цел да се воедначи судската пракса. Непрецизните и недоречени законски одредби, создаваат различна правна практика како од авокатите, така и од судиите, што влијае на правната (не)сигурност во оваа правна гранка.

Галерија

Scroll to Top