ДЕЛ ОД ЗАКЛУЧОЦИТЕ ОД ЈУБИЛЕЈНАТА 90-та СРЕДБА НА ПРАВНИЦИ
(6-8 ноември 2025 г., хотелски комплекс Метропол, Охрид)
- Користењето на вештачката на интелигенција и како да се реши прашањето за одговорност за штета – голем предизвик! Од дискусијата по оваа тема се заклучи: треба да се определи соодветен основ на одговорноста; кога технологијата на вештачката интелигенција работи според однапред определени алгоритми и кодови, а прецизно дефинираните исходи произлегуваат од предвидливи влезни податоци, прашањето за одговорност за штета може да се реши со примена на постојните правила во позитивното право, првенствено со Законот за облигационите односи; доколку дејствијата на вештачката интелигенција може да се сведат на упатства дадени од човек, одговорноста лежи кај човекот, поради вина или создаден ризик; кој режим на одговорност ќе се примени зависи од структурата на граѓанската одговорност во националните правни системи; во македонското право, одговорноста во конкретен случај се базира на вина; ако степенот на создаден ризик е значаен, ова е аргумент во прилог на квалификувањето на оваа технологија како опасна работа/предмет, што води до построга одговорност. Оттука, за штета од ствари и дејствија од кои потекнува поголема опасност за штета за околината, се одговара без оглед на вината – објективна одговорност;
- Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка од 2024 година (confiscatio in reм) беше анализиран како посебна тема на 90-та Средба на правници. Иако во примена од септември 2024 година, во пракса сѐ уште нема правосилно завршени предмети. Конфискацијата на имот во граѓанска постапка претставува модел на необјаснето богатство. Имено, се споредува реалниот имот што лицето го стекнало со приходите што тоа лице ги пријавило, при што не е потребно воспоставување директна или индиректна врска со одредено кривично дело. Значи, граѓанскоправната конфискација не инсистира на каузалитет помеѓу имотот и кривичното дело и целта е граѓанско-правната постапка целосно да се одвои од кривичниот процес. Која е оправданост на моделот? Моделот треба да придонесе кон зајакнување на институционалниот одговор на предизвиците во борбата против организираниот криминал, корупцијата и нелагално стекнатиот имот. Но, Законот отвора бројни прашања, пред сѐ поврзани со правната сигурност и заштитата на човековите права. Затоа, посебно внимание треба да се посвети на конфискацијата во граѓанска постапка vis-à-vis другите видови конфискација; условите за поведување на постапката, ретроактивната примена на законот, стандардите на докажување, мерките на обезбедување и слично;
- Кои се последиците во поглед на правната сигурност од јавно-правните и приватно-правните ограничувања н правото на споственост? Што останува денес од сопственоста како традиционален институт на стварното право? Очигледно е дека во време на дигитализација, правото на сопственост како да го губи своето фундаментално значење. Која е и дали треба да се прави разлика помеѓу формална експропријација, посредна експропријација и фактичка експропријација (последнава, ако воопшто претставува експрорпијација? Која е причината за присуството на ограничувањата на сопственоста? Секако дека тоа е недостигот од природни ресурси (вода, електрична енергија, чист воздух, итн.), кој доведува сопственоста да се симне од пиедесталот на стварни права, а приматот да го добие владението, кое и компаративните законодавства го уредуваат пред сопственоста. Многу дилеми, кои допрва треба да се дискутираат, решаваат и да добијат соодветен нормативен израз;
- Што се однесува до институтот на побивање на правни дејства во стечајна постапка се заклучи дека преку овој институт: се обезбедува правичност меѓу стечајните доверители и со тоа се зајакнува начелото на еднаков третман на доверителите; се штити имотот на стечајниот должник што неправедно излегол од сопственоста на должникот и се враќа во стечајна маса, со што истата се зголемува и потенцијално се овозможува поголемо процентуално намирување на доверителите; побивањето има превентивна и санкциска функција – ги санкционира (не)дозволените дејствија преку побивање и делува превентивно на идните должници; побиваното дејство се смета како да не било извршено и се поништува со ретроактивен ефект, што значи дека имотот се враќа назад во стечајната маса и, конечно, се зајакнува контролата и одговорноста во стечајот и придонесува за стабилност и доверба во стечајната постапка и јакнење на правната сигурност;
- Во дискусијата поврзана со новите законски обврски за сајбер-безбедност, беше укажано на новините содржани Законот за безбедност на мрежни и информациски системи од 2025 година, потенцирајќи ги прилично кратките рокови за усогласување. Како предизвици во имплементацијата на законот беа идентификувани: недостатокот на експерти; буџетските и технички ограничувања како и различното ниво на подготвеност во јавниот и во приватниот сектор. За успешно надминување на предизвиците, беа посочени следните чекори: обуки, сертификации и зголемени капацитети, донесување на подзаконски акти со јасни критериуми, како и регионалната соработка. Новиот Закон за безбедност на мрежни и информациски системи бара и нова институционална одговорност и создавање отпорно и слободно дигитално општество. Безбедноста и човековите права не се спротивставени, туку, напротив, тие се меѓусебно зависни и претставуваат две страни на иста слобода.
Колку повеќе системите се безбедни во услови на современа технологија и дигитализација, толку повеќе граѓаните може слободно да живеат, работат и меѓусебно да комуницираат; - Јавите набавки и предизвиците во современи услови на живеење – трендови и предизвици. Кои се ситемските слабости кај јавните набавки? На пример: не е дефинирана обврска за задолжително утврдување на количини во техничката спецификација; отсуството на одредба во Законот за јавните набавки за постапување при појава на непредвидени работи; непостоење на одредба која ќе спречи набавка на стоки, работи или услуги по цени повисоки од оние што веќе се формирани на слободниот пазар во малопродажба; набавките од економски оператори кои имаат ексклузивно/монополско право за определени стоки – кога е невозможно да се испочитува начелото на конкуренцијата и не постои можност во целост да се дефинираат технички спецификации, принуда за плаќање на паушали и покрај неизвршени услуги и други. Заклучоци што може да се извлечат би биле: јавните набавки во Македонија влегуваат во нова фаза – од нормативна стабилизација кон интелигентно управување и анализа; системот на јавни набавки веќе претставува пример на отворена, транспарентна и дигитална администрација, но неговата ефикасност зависи од способноста да се одговори на новите технолошки и институционални предизвици и неопходно е континуирано унапредување на знаењата, вложувањето во технологија и градењето на доверба меѓу институциите и јавноста;
- Во врска со уреденоста на договорот за градење во домашните и меѓународните извори на правото, се заклучи следново – не постои договор за градење чиј предмет не претрпел измени во текот на неговата реализација. Затоа, во договорот за градење треба однапред да се дефинирааат правните последици што ќе настапат во услови на промена на предметот на договорот. Постои неусогласенат на судската пракса во делот на третманот на категориите на градежни работи. Се препорачува ставање на одредба во договорот какви му се овластувањата на надзорот. Од друга страна, FIDIC правилата во меѓународните договори за градење обезбедуваат стандардизација на договорите со прекуграничен елемент, обезбедува фер распределба на ризикот, заштита на интересите на двете страни и промовирање на транспарентност и одговорност. Како главни предности на FIDIC правилата се наведуваат: јасната правна рамка, флексибилноста и можноста за адаптација, но и поддршката од меѓународни финансиски институции доколку се применат во конкретен меѓународен договор. Во услови кога во Македонија се најавува инфраструктурен градежен бум, добро е да се зајакне познавањето на сите аспекти на договорот за градење како на домашен, така и на меѓународен план, и
- Во поглед на новиот пакет закони за јавната администрација во Македонија донесени во 2025 година, беа потенцирани клучните новини во Законот за вработените во јавниот сектор (во поглед на управување со човечки ресурси, општите права и обврски, новините кај вработувањете и најважните новини кај мобилноста) и во Законот за административни службеници (во поглед на дефинирањето на службеници и подгрупи, новините поврзани со условите и класификацијата на звања, новините поврзани со вработување, како и следењето на учинок, односно оценување). Исто така, беа презентирани главните караткеристики на новиот Закон за стручно усовршување и обука на административните службеници, исто така, донесен во 2025 година, со кој се опфатени државните службеници на кои им се овозможува редовно обучување, односно редовно надградување на знаењата и вештините преку новоформирана Академија за стручно усовршување и обука на административни службеници. Се заклучи дека во овој пакет на закони се нудат нови решенија кои значат солидно подобрување во споредба со претходните законски одредби, но и дека некои може да претрпат сериозна критика. Добро е што сите споменати закони се применуваат од 1 јануари 2027 година, па законодавецот би можел да корегира некои решенија за кои ќе добие аргументирани образложенија од научната и од стручната јавност.
Галерија



