FIDIC договорите денес претставуваат глобално прифатен стандард за реализација на инфраструктурни проекти, бидејќи обезбедуваат јасна распределба на ризици, транспарентни процедури и механизми за управување со промени и спорови. Преку нивната структура се овозможува рамнотежа помеѓу интересите на инвеститорот, изведувачот и надзорот, со цел проектите да се реализираат ефикасно, предвидливо и во согласност со договорените рокови и буџети.
Практиката покажува дека најголем број спорови не произлегуваат од самите договорни клаузули, туку од недоволно подготвена проектна документација, нејасни посебни услови, несоодветна администрација на договорот и непочитување на договорните рокови и процедури за известување. Особено значење има правилното управување со варијациите и побарувањата (claims), бидејќи тие претставуваат неизбежен дел од секој градежен проект. Навременото доставување на notices, водењето детална документација и професионалната улога на инженерот се клучни за спречување на ескалација на спорови.
Дополнително, современиот пристап во FIDIC 2017/2022 ја нагласува превентивната улога на DAB – Dispute Adjudication Board (Одбор за адјудикација на спорови) и DAAB – Dispute Avoidance/Adjudication Board (Одбор за избегнување и адјудикација на спорови) како механизми за избегнување на спорови уште во текот на реализацијата на проектот. Овој пристап овозможува побрзо, постручно и поекономично решавање на несогласувањата, пред тие да преминат во долготрајни арбитражни или судски постапки.
Во таа насока, се препорачува:
- внимателна подготовка на проектната и тендерската документација уште во предтендерската фаза;
- изборот на соодветен тип на FIDIC договор да се врши според природата и сложеноста на проектот, а не исклучиво според пазарните услови;
- посебните услови на договорот да бидат јасни, концизни и усогласени со FIDIC Golden Principles;
- навремено формирање и активно користење на DAAB како превентивен механизам;
- доследно почитување на роковите за notices, claims и NOD (Notice of Dissatisfaction – Известување за незадоволство);
- обезбедување професионален и независен надзор со реални овластувања за администрирање на договорот;
- континуирано вложување во едукација и специјализација на сите учесници во инфраструктурните проекти – правници, инженери, надзор и договорни администратори.
Само преку правилна примена на FIDIC принципите, добра договорна дисциплина и професионална комуникација помеѓу страните може да се постигне основната цел на секој инфраструктурен проект – навремена, квалитетна и економски одржлива реализација со минимизирање на споровите.
Галерија



